
Старата битолска чаршија е еден од највредните сведоци на богатото минато на Битола. Се наоѓа на северниот брег на реката Драгор, веднаш до центарот на градот, а се препознава по сплетот од тесни улички и ниски дуќани. Тие се во силен контраст со градските куќи од XIX век на спротивниот брег.
Својот најголем подем чаршијата го доживува во османлискиот период, кога Битола прераснува во значаен трговски, занаетчиски и административен центар на Балканот. Повеќето нејзини јавни градби се подигнати во XV и XVI век. Кога патописецот Евлија Челебија ја посетил Битола во XVII век, запишал околу 900 дуќани, 40 чајџилници и безистен што се затворал со железни порти.
Во најживите времиња чаршијата броела триесетина пазари, секој со своја стока: Житен пазар, Дрвен пазар, Овчи пазар, Ат-пазар, Маст пазар, Пекмез пазар, Тус пазар. Во XIX век во неа работеле повеќе од 140 занаети во над 900 дуќани, организирани според различни еснафи. Низ нејзините тесни улици со векови се среќавале трговци, патници и занаетчии од различни култури, создавајќи ја препознатливата космополитска атмосфера на градот.
Прошетката низ чаршијата е и прошетка низ нејзините верски и историски споменици. На влезот стои Безистенот, покриениот пазар од XV век, а над покривите се издига Саат-кулата, изградена во 1830-тите години. Покрај реката е Јени џамијата од 1558 година, со минаре високо 39 метри, која денес е галериски простор. Малку посеверно е Исак Челеби џамијата од 1506 година, која и денес е активна. Во делот „Кај Рибарниците“ е Хаџи Махмуд-бег џамијата од 1521–1522 година, со уникатно украсено минаре. Понатаму кон исток е Хајдар-кади џамијата, изградена од градители од школата на Мимар Синан и позната како „Принцеза на Балканот“. Од некогаш бројните амами денес е зачуван амамот Дебој.
И покрај промените низ времето, дел од стариот урбан дух е зачуван до денес. Старата чаршија е жива врска со времето кога Битола била позната како „градот на конзулите“, место каде историјата сè уште се чувствува на секој чекор, а во дуќаните и понатаму работат мајстори кои ги чуваат старите занаети.
Извор: Википедија – Стара битолска чаршија.

Во старата битолска чаршија и во нејзината непосредна близина се наоѓаат значајни верски и историски споменици што сведочат за богатото историско и културно наследство на Битола. Саат-кулата, Безистенот, Јени џамија, Исак џамија, Хајдар Кади џамија, Хаџи Махмуд бег џамија и амамот Дебој се препознатливи обележја на градот и потсетник на неговата трговска, верска и културна улога низ вековите. Заедно со чаршијата, овие споменици го обликуваат историското јадро на Битола, простор со автентичен дух што ги воодушевува посетителите од целиот свет.
Саат-кулата е еден од најпрепознатливите симболи на Битола. Се издига во Градскиот парк, во самиот центар на градот, меѓу црквата „Св. Димитрија“ и Јени џамијата, на местото каде некогаш бил Пекмез пазарот.
Историја
Точната година на изградба не е позната. Саат-кула во Битола се споменува уште во 1664 година, но не е сигурно дали станува збор за истата градба. Се верува дека денешната кула е изградена околу 1830 година, во исто време со црквата „Св. Димитрија“.
Според легендата, османлиските власти собрале околу 60.000 јајца од околните села и ги измешале во малтерот. Можеби токму затоа, велат битолчани, нејзините ѕидови стојат цврсти и денес.
Градба
Кулата е висока околу 32 метри и има квадратна основа со страни од 5,8 метри. Влезот е од северната страна, а внатре спирални скали водат до врвот. Горниот дел има тераси со ковани огради и светилки, па кулата и часовникот се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на највисокото од трите нивоа.
Часовникот
До 1912 година времето се мерело на турски начин, според заоѓањето на сонцето. Првиот современ бројчаник и механизам, изработени од германска фирма, биле поставени во 1927 година. Во 1936 година Германците донирале нов, попрецизен часовник, како знак на благодарност за гробиштата на германските војници од Првата светска војна во Битола. Тогаш биле поставени и 15 ѕвона. Механизмот бил обновен во 1962 година, а во 1970 година била додадена клавијатура за изведување мелодии.
Последната голема обнова била во 2009 година, кога покривот бил обложен со бакар и бил заменет механизмот. Со тоа престанала да се слуша песната „Таму ле мајко, близу Битола“, посветена на Таки Даскало. Денес кулата ја свири мелодијата на песната „Битола мој роден крај“.
Изграден кон крајот на XV век, Безистенот е масивен камен објект кој долго време бил покриен пазар и средиште на економскиот живот во османлиска Битола.
Безистенот го подигнал везирот Кара Даут-паша. Објектот е изграден со дебели ѕидови од камен и тула и засводени тулени лакови, а по изглед наликува на тврдина, бидејќи бил наменет за чување вредна стока.
Првично, во Безистенот се тргувало со фини ткаенини, текстил и везови. Тука се чувал и имотот на починати граѓани без наследници: пари, накит, оружје, ракописи, прибор за пишување и прибор за пушење. Овие предмети преминувале во сопственост на државата.
Во подрумот на објектот, во каси зад железни порти, се чувале и даночните приходи од Битолскиот вилает, пред да бидат пренесени во царската благајна.
Во 1667 година, за време на престојот на османлискиот патописец Евлија Челебија, пазарот бил ограбен. По овој настан биле воведени ноќни чувари, а движењето низ Безистенот ноќе без фенер било забрането.
Објектот бил повеќепати обновуван. Денешниот изглед главно го добил во XX век, кога биле изградени четири влеза во необароков стил. Според историските записи, Безистенот имал три внатрешни улици и 84 дуќани.
Во XX век Безистенот продолжил да работи како пазар. Најпрво тука се продавал текстил, а подоцна месо, овошје и зеленчук. Во осумдесеттите години бил преуреден во трговски центар, при што е задржан неговиот историски изглед.
Денес, Безистенот претставува значаен споменик на богатата трговска историја на Битола. Низ вековите, тој бил средиште на трговијата и градскиот живот, а неговата автентична архитектура и денес го чува духот на едно минато време.
На левиот брег на реката Драгор, недалеку од Дебојот и некогашниот Овчи пазар, се наоѓа Хајдар Кади џамија. Таа е една од највредните османлиски градби во Битола.
Џамијата е подигната во 1561–1563 година. Изградбата ја финансирал Хајдар Кади, кој тогаш бил кадија, односно судија, во Битола. Според дел од изворите, проектот му се припишува на Мимар Синан, најпознатиот архитект на Османлиското Царство.
Во XII век џамијата ја посетил патописецот Евлија Челебија. Тој ја опишал како една од најубаво украсените џамии во тоа време. Според некои извори, таа била и единствената џамија во Битола со две минариња.
Џамијата била обновена во 1890 година. Пред посетата на султанот Мехмед V Решад во Битола во 1911 година, биле обновени многу градби во градот, меѓу нив и сите џамии. По Балканските војни таа престанала да служи како верски објект и со децении пропаѓала. Во 2012 година започнала целосна реставрација, финансирана од Република Турција. Со неа градбата го добила својот поранешен изглед.
Со својата монументална купола и високо минаре, Јени џамија доминира во централниот дел на Битола, спроти Саат-кулата. Овој османлиски архитектонски бисер, изграден од битолскиот кадија Махмуд-ефенди во 1558 година, се одликува со квадратна основа, купола од 19 метри и минаре високо 39 метри. Внатрешноста била украсена со раскошни сталактитни детали и калиграфија, изработени од мајстори од Цариград. Интересно е што археолошките истражувања откриле темели на три постари христијански цркви под џамијата, најстарата од VII век. Денес, Јени џамија служи како уметничка галерија.
На левиот брег на Драгор се наоѓа Исак џамија, најстарата зачувана џамија во Битола. Подигната е во 1508–1509 година како задужбина на кадијата Исхак Челеби, кој во градот изградил и медреса, мектеб, дуќани и воденици. Џамијата има квадратна основа, купола висока 26 метри и минаре од 45 метри. Внатрешноста е украсена со сликана и штуко-декорација. За разлика од Јени џамија, која била место за секојдневна молитва, Исак џамија била место на духовна повлеченост, посветена на толкување на Куранот. До неа е гробот на Исхак Челеби, погребан тука во 1512 година.
Во срцето на старата битолска чаршија се наоѓа Хаџи Махмуд бег џамијата, подигната во 1521/22 година од тогашниот управител на Битола, Хаџи Махмуд бег. Препознатлива е по необичната конструкција на куполата и по декоративното ѕидање на фасадата, украсена со релјефи со верски симболи. Според преданијата, била собиралиште на учени луѓе и место за толкување на верските текстови и суфиската мисла. Некои од нејзините ученици подоцна станувале видни личности во Истанбул. Таа е сведок на духот на соживот по кој Битола е позната и денес.
Покрај старата битолска чаршија се наоѓа Дебој, еден од највпечатливите османлиски амами во Битола. Некогаш бил во срцето на чаршијата, но откако поголем дел од неа бил уништен, амамот останал на нејзината граница.
За ктиторот и годината на изградба нема прецизни податоци. Битолските кадиски сиџили од XV век до 1912 година спомнуваат десетина амами, но за повеќето не се знае каде се наоѓале. Дебојот можеби е Ески или Атик амамот, односно „Стариот амам“, подигнат од Сунгур Чауш-бег. Ако е така, тој потекнува од XV век. Неговата монументалност и богатата декорација го поврзуваат со златниот век на османлиската архитектура, крајот на XV и XVI век. Името Дебој, што значи „складиште“, го добил подоцна.
Дебој е чифте амам, двоен амам со одделни делови за жени и мажи, разделени со ѕид. Женскиот дел е поголем и побогато украсен. Има голема просторија со шадрван за пресоблекување, простории за одмор, масажа и депилација и халвет за капење. Машкиот дел е помал и поедноставен.
Амамот е граден од наизменични редови камен и тула, врзани со хидрауличен малтер отпорен на влага. Се загревал со хипокауст, систем во кој топол воздух струел под подовите и низ ѕидовите. Ентериерот е украсен со сталактити, штуко-орнаменти со цветни и геометриски мотиви и куполи со ѕвездести отвори низ кои влегува дневна светлина.
При реставрацијата во 1967 година биле откриени остатоци од водоскладот и ложиштето, кои денес ги нема. Покривот од турски ќерамиди тогаш е заменет со поцинкуван лим. Со тоа брановидната „петта фасада“ од куполи дошла до полн израз.
Извори: Битолски туристички водич „Битола топ дестинации“ (2024), Wikipedia, Bitolska Memorija, Bitola.info, Bezisten – Covered Market, https://www.bitolatourguide.com, Хајдар – Кади џамија – Битола (https://marh.mk)

Некогаш битолската чаршија живеела според занаетите. Секој занает имал свое место, своја улица и свој ред, и уште од раното утро се слушале чукањето на чеканите, звукот на занаетчиските алати и повиците на мајсторите пред дуќаните. Кујунџиите, терзиите, чевларите, казанџиите, калајџиите и абаџиите не само што работеле, туку и го обликувале животот на градот.
Многу од тие занаети денес се исчезнати, но чаршијата не е заборавена. Меѓу новите продавници и кафулиња сè уште работат мајстори кои го продолжуваат занаетот, често онака како што го научиле од своите татковци и дедовци. Во малите дуќани и понатаму се изработува и поправа рачно, со алат стар со децении и со трпение што ретко се среќава денес.
Прошетката низ чаршијата е можност да ги запознаете од близу. Застанете пред дуќаните, погледнете како настанува накит од сребрени нишки, како се крои и шие по мерка или како се поправа чевел што би го фрлиле. Мајсторите со задоволство раскажуваат за својата работа, а предметите што ќе ги купите кај нив се рачно изработени, направени тука, во Битола.
Со секој купен предмет или разговор помагате овие занаети да останат живи. Затоа, додека ја разгледувате чаршијата, одвојте време и за нејзините занаетчии. Токму тие ја прават чаршијата повеќе од место за пазарање.




Проектот „Виртуелна прошетка низ срцето на Битола“ е посветен на дигитална презентација и промоција на Старата битолска чаршија и нејзиното богато културно и занаетчиско наследство. Преку 360° виртуелна тура, интерактивна мапа и фотографии, платформата овозможува современ начин за истражување и доживување на автентичниот дух на чаршијата.
Проектот го реализираа Мери Бошкоска и Димитар Ристески, во соработка со АКАДЕМИЈА ИНОПОИНТ - Битола.
Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, како проект од национален интерес во културата, од областа на недвижното културно наследство, во рамки на Годишната програма за 2026 година.


Имате прашање, забелешка или предлог за чаршијата? Знаете приказна, имате стара фотографија или познавате занаетчија што треба да биде дел од платформата? Пишете ни – секоја ваша порака ни помага да ја збогатиме платформата и да ги зачуваме приказните за чаршијата.

0108